Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
08 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
АНКАРА
Странските терористички групи кои ги поддржува Иран, а кои се борат на страната на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, се подготвуваат за напад на дел од деескалациската зона на Идлиб, на западната периферија на Алепо, јавува Агенција Анадолија (AA).
Групите со кои командуваат офицерите на иранската војска ги забрзаа активностите за започнување копнен напад.
За таа цел, воените елементи составени од силите „Гајс“ при 4. дивизија, 104. бригада, Бригадата „Кудс“ и Иранската револуционерна гарда, распоредени на фронтовите во Алепо, Деир ез Зор, Хама и Латакија, продолжуваат да пристигнуваат на периферијата на Алепо.
Во конвоите, покрај големиот број вооружени терористи, се наоѓаат и голем број тенкови и други воени возила.
Се очекува дека силите кои ги поддржува Иран наскоро ќе започнат напади против антирежимските групи и опозицијата која ја контролира периферијата на Алепо во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.
Во подрачјето Анадан (Тел Тамура) на западната периферија на Алепо се наоѓа 4. набљудувачка точка на Вооружените сили на Република Турција (ТСК).
Во нападите на проиранските терористички групи, режимските војски и руските воздушни сили, од јужниот и југоисточниот дел на Идлиб побегнаа стотици илјади цивили, а загинаа повеќе од илјада.
Нападите се продолжени и по договорот од Сочи кој со посредство на Турција и Русија е постигнат на 17 септември 2018 година.
Поради руските и режимските напади, како и нападите на терористичките групи кои ги поддржува Иран, извршени во зоната на деескалација на судирите во Идлиб, само од почетокот на 2019 година кон границата со Турција мигрираа 1 милион и 300.000 цивили. Во бомбардирањата загинаа повеќе од 1.600 цивили.