Mohamad Misto
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и терористичката организација ПКК/ПЈД веќе подолг период се сојузници во војната што владее во земјата, а во последно време сѐ почесто се обвинуваат меѓусебно и се оддалечуваат, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Оние кои работат за интересите на другите држави, особено за САД, се предавници“, порача Асад во изјавата што ја пренесе прорежимската новинска агенција САНА.
Чувствувајќи се повикани, следеа низа реакции од водачите на ПЈД/ПКК.
Резан Кило, водачот на ПЈД/ПКК во Хасека, порача дека Асад не треба да дели сведочења за патриотизам, додавајќи дека со земјата не владее Асад туку меѓународните сили.
„Башар Асад и она што остана од режимот се последните што можат да зборуваат за предавство. Режимот е оној кој ги ослободи терористите од затвор“, порачано е од СДС (Сириските демократски сили), параванот на ПЈД/ПКК.
Познато е дека ПЈД/ПКК и Асадовиот режим соработуваат на повеќе полиња. Страните заедно ги чуваат нафтените полиња и ја делат нафтата, спроведуваат воени обуки и извршуваат акции, дознава АА.
Проценките и податоците на AA покажуваат дека ПЈД/ПКК контролира околу 23 отсто од сириската територија.
Тензиите меѓу двете страни започнаа да растат во текот на поделбата на подрачја богати со енергенти во Деир ез-Зор, кои во последните неколку месеци се ослободени од терористичката организација ДЕАШ.