Ekipa
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Двомесечното бебе Карим стана симбол на отпорот на цивилите кои веќе пет години се под опсада на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Карим, еден месец по неговото раѓање во артилериски напад останал без својата мајка и без левото око.
Корисниците на социјалните мрежи, особено на „Twitter“ (Твитер), вчера започнаа кампања за да се стави крај на опсадата и постојаните воздушни и артилериски напади врз цивилите во Источна Гута, тоа го прават со испраќање пораки за поддршка на малиот Карим.
Активистите „Бели беретки“ и малолетните сестри Нур и Ела од Источна Гута на Твитер објавија фотографии на кои го затворија левото око и така се обидоа да укажат на злосторствата извршени над Карим и над другите деца во регионот.
На кампањата се приклучија голем број корисници на социјалната мрежа.
Особено активни се корисниците на Твитер во Турција, кои со пораките „Солидарност за Карим“ и „Стоп на опсадата на Источна Гута“ на турски, англиски и на арапски јазик го кренаа својот глас против насилството врз цивилите.
Најчесто споделувана видео-снимка и фотографии на Карим се оние снимени од страна на новинарите на АА, кои пред два дена објавија репортажа за Карим.
За малиот Карим се грижат неговиот брат и двете сестри, кое се исто така деца, а таткото Абу Мухамед истакнува дека сѐ потешко наоѓа храна за своите деца.
Нападот во кој беше ранет Карим, а неговата мајка беше убиена, го преживеа Ум Ахмет, која за АА кажа дека тоа било ракетен напад.
„И јас бев ранета во нападот. Имам осум деца. Од вчера не сме јаделе ништо, а во последно време јадеме само јачмен што го готвиме во несолена вода“, рече Ум Ахмет.
Речиси 400.000 цивили во Источна Гута веќе пет години преживуваат под опсада на силите на Асадовиот режим. Регионот го контролираат опозициските сили, а станува збор за една од четирите „зони без судири“, за кои, со посредство на Турција, Русија и Иран, е договорено примирје.