свет

Сирија соопшти дека е истечен рокот за повлекување на СДФ од Алепо

Рокот истече во 9 часот по локално време откако сириската армија во голема мера ја презеде контролата врз населбите Ашрафија и Бани Заид

Mustafa Deveci  | 09.01.2026 - Обновена : 09.01.2026
Сирија соопшти дека е истечен рокот за повлекување на СДФ од Алепо

АЛЕПО / ИСТАНБУЛ (AA) – Истече рокот што сириската Влада им ги постави на Сириските демократски сили (СДФ) за повлекување од Алепо, соопшти денес Министерството за одбрана на Сирија, пренесува Анадолу.

Рокот истече во 9 часот по локално време откако сириската армија во голема мера ја презеде контролата врз населбите Ашрафија и Бани Заид преку насочени операции против позициите на СДФ во центарот на градот.

Судирите, кои се интензивираа во четвртокот вечерта и повремено продолжија до 3 часот по полноќ во Ашрафија и Бани Заид, при што во одредени моменти се проширија и по должината на населбата Шеик Максуд, престанаа по соопштението на Министерството.

„На вооружените лица ќе им биде дозволено да носат само лесно лично оружје. Нивниот сигурен премин ќе го обезбеди сириската армија, дозволувајќи им да излезат кон североисточните региони на земјата“, соопшти Министерството.

Се очекува сириските сили да продолжат со целните операции доколку групата не го напушти Алепо.

- Операции во Алепо -

Како што соопштија сириските власти, терористичката организација ПКК/ЈПГ, која дејствува под името СДФ, извршила напади на повеќе локации во Алепо од подрачјата што ги зазема од 6 јануари.

Дамаск ја повика групата да се придржува до договорот од 10 март и да ги прекине нападите.

Бидејќи нападите продолжија, сириската армија започна насочени операции против позициите на организацијата во населбите Шеик Максуд и Ашрафија, кои биле под нејзина контрола.

На 10 март 2025 година сириското Претседателство објави дека е потпишан договор за интеграција на СДФ во државните институции, со што се потврдува територијалниот интегритет на земјата и се отфрлаат сите обиди за поделба.

Сепак, според властите, во месеците по потпишувањето на договорот СДФ не покажале напори за исполнување на неговите одредби.

Владата ги засили напорите за одржување на безбедноста низ целата земја по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад на 8 декември 2024 година, кој беше на власт 24 години.

Од 6 јануари најмалку девет Сиријци загинаа, а 55 лица – од кои повеќето цивили – се повредени во нападите на групата.

Комитетот за центарот на градот Алепо претходно соопшти дека 142.000 лица се евакуирани во безбедни подрачја во рамките на градот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın