Ekipa
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
ИДЛИБ (АА) - Четиринаесет цивили загинаа, меѓу кои деца и жени, додека најмалку 30 цивили се повредени во воздушните напади извршени во зоната без судири во сирискиот град Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нападите се извршени во подрачјата Серакиб, Маретинуман, Кефренбил и Кефер Амин кои се наоѓаат во јужниот дел на Идлиб, од страна на руските авиони и Асадовиот режим. Во нападите загинаа 14 цивили, додека најмалку 30 се повредени“, истакна во изјава за АА Мустафа Хаџ Јусуф, директор на Цивилната одбрана во Идлиб.
Хаџ Јусуф нагласи дека постојат десетици авиони на Русија и Асадовиот режим кои постојано летаат на небото над Идлиб. „Денес извршија над 100 воздушни напади во различни подрачја на Идлиб“, додаде тој.
Како што рече Хаџ Јусуф, тимовите на Цивилната одбрана продолжуваат со спасувачките активности, додека повредените се пренесени во здравствените центри во регионот.
Во последните 1,5 месеци, зоната без судири во Идлиб е изложена на интензивни воздушни напади.
Градот Идлиб кој се наоѓа во северниот дел на Сирија, близу границата со Турција, на состанокот во Астана одржан на 4 и 5 мај во 2017 година беше прогласен за зона без судири. Овој регион, кој е под контрола на воената опозиција и противтежимските вооружени групи, одвреме навреме е изложен на напади на Асадовиот режим и Русија.