Ekipa
28 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
АМАН (АА) - Холивудската ѕвезда Анџелина Џоли пристигна во Јордан за да ги посети сириските бегалци кои престојуваат во бегалскиот камп Затари и притоа повика на изнаоѓање на политичко решение за граѓанската војна во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на добрата волја на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), при посетата на кампот изјави дека обезбедувањето на хуманитарна помош не е долгорочно решение.
„Хуманитарната помош не е долгорочно решение. Никој не сака да се ослободи од помошта, повеќе од сириското семејство. Важно политичко решение е единствениот начин да се создадат услови со цел да можат Сиријците да се вратат во своите домови и да се стави крај на човековото страдање и стравот“, изјави Џоли.
Говорејќи пред голем број деца и тинејџери кои живеат среде калта во стотици шатори без основни услови, Џоли им порача на бегалците дека таа е горда на нив и на нивната сила.
Таа истакна дека УНХЦР нема средства да ги подмири дури и најосновните потреби на сириските семејства.
„По седум години војна, поголемиот дел од сириските бегалци ја исцрпија сета заштеда. Огромното мнозинство од нив сега живеат под границата на сиромаштијата, со помалку од три долари на ден“, порача Џоли во текот на својата петта посета на Јордан.
Актерката го повика Советот за безбедност на ОН и меѓународната заедница да пронајдат решение за кризата, истакнувајќи дека „мирот не може да биде изграден врз неказнивоста на имањето цивили за цел, со бомбардирање на училишта и болници, мачења и силувања ...“.
Речиси 5,5 милиони раселени Сиријци најдоа засолниште во Јордан, Либан, Турција и други соседни земји.
Според податоците на ОН, над 650 000 сириски бегалци живеат во Јордан, од кои 78 000 живеат во кампот Затари.