Ekipa
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - 10.000 цивили се раселени од Идлиб последните два дена поради нападите на силите од режимот на Асад и Русија врз зоната за деескалација во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од директорот за координација на интервенциите во Сирија во врска со раселените цивили од деескалационата зона во Идлиб, последните два дена подрачјето го напуштиле уште најмалку 10.000 цивили и се упатиле во подрачјето близу границата со Турција, поради нападите од страна на режимот на Асад, Русија и терористичките групи поддржани од Иран.
Во последните два месеца од тоа подрачје раселени се најмалку 215.000 луѓе.
Режимот и Русија напаѓајќи ги болниците, училиштата, верските објекти, објектите на цивилната заштита и живеалиштата, се обидуваат да го спречат враќањето на цивилите.
На прво место меѓу местата од кои има најголемо раселување се населените места во јужните делови на Идлиб, особено од руралните делови на Маратинуман.
Постои итна потреба од основни средства, како што се засолништа, шатори, ќебиња и легла.
Поради продолжувањето на нападите од страна на режимот на Асад и Русија, поголемиот дел од раселените цивили мигрираа во камповите во подрачјето на Атме, Ках, Деј Хасан и Кефер Лусин и на просторите со маслинови дрвја во Идлиб, подрачја во близина на сириската граница со Турција кои во рамките на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ се расчистени од терористите.
Со посредство на Турција, Русија и Иран во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за зона за деескалација на судирите. На 17 септември 2018 година во Сочи е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и за формирање деескалациона зона.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на Асадовите сили и нивните сојузници во Идлиб загинаа најмалку 1.300 цивили, а во изминатата година раселени се над еден милион луѓе.