24 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
МОСКВА (АА) - Руски авион од петтата генерација „Су-57“ се урна за време на тест-летот во Хабаровск, Русија, јавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Извор од градската администрација на Комсомолск за руската новинска агенција ТАСС изјави дека авионот паднал на подрачјето на тајгите. Пилотот успеал да се катапултира и не е повреден.
Одделот за односи со јавноста на Источниот воен дистрикт соопшти дека ниту една воена единица на тоа подрачје сè уште нема авиони „Су-57“ во функција.
Суперсоничниот лет, краткото полетување и слетување, намалената воочливост од радарите, како и можноста за суперманеврирање се само од некои од низата карактеристики на ловецот „Су-57“.
Исто така, овој авион, кој сè уште е во фаза на тестирање, може да развие максимална брзина од 2.600 километри на час, да лета 5,8 часа, да носи максимален воен товар од 10.000 килограми, максимална тежина при полетување од 35.480 и околу 11.100 килограми резерви на гориво.