Levent Tok,Selen Temizer,Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Ivana Ramadanova
02 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад потпомогнати од страна на руските сили и терористичката организација ДЕАШ вршат интензивни напади на јужната граница на Идлиб, која беше прогласена за зона без судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили во соработка со ДЕАШ и со руска поддршка од воздух, од октомври 2017 година го кршат примирјето во северниот дел на Хама и во јужниот дел на Идлиб.
Делегација на опозицијата на последниот состанок во Астана одржан на 21 и 22 декември 2017 година, укажа на подрачјата на коишто доаѓа до истовремени напади на режимот, Русија и на ДЕАШ.
Сирискиот режим им овозможи на милитантите на ДЕАШ преку подрачјето на Хунајфис, источна Хама, да преминат на подрачја во Идлиб, кои се под контрола на опозицијата и антирежимската група Хајат Тахрир ал-Шам.
ДЕАШ за возврат им дозволува на режимските војници преку Канасер, на патот меѓу јужен Алепо кон Хама, да дојдат до Идлиб.
- Режимските сили и Русија настојуваат да влезат во Идлиб -
АА од извори на опозицијата дознава дека до нападите на Русија и припадниците на режимот врз населението во јужен Идлиб, како и обидите за напредување во северниот дел на Хама, доаѓа во истовреме кога ДЕАШ врши напади во источниот дел на Хама.
Бунтовниците во северниот дел на Хама по судирите и минатомесечните руски воздушни напади ја изгубија контролата во некои делови од регионот.
Нападите на припадниците на режимот и ДЕАШ зачестија во последните седум дена, а силите на режимот ја презедоа контролата во местата Атшан, Ебу Дали, Ебу Омер и Хувејн Кебир, на границата меѓу Идлиб и Хама.
- Заедничка одбрана од режимот -
Групите поврзани со Слободната сириска војска, како и други антирежемски групи почнаа да делуваат заедно во одбрана од нападите од припадниците на Асадовиот режим и на ДЕАШ.
Меѓу овие групи се наоѓаат Ахрару Шам, Фајлак ал-Шам, Нур ал-Дин ал-Зенки, Џајш ал-Наср, Џајш ал-Иза, Слободната војска на Идлиб и Хајат Тахрир ал-Шам.
Портпаролот на слободната војска на Идлиб, Мустафа ал-Хусеин, за АА истакна дека ДЕАШ користејќи го коридорот на режимот и со помош на Русија, се обидува да оствари напредок на перифериите на Хама и Идлиб.
„Од воздух, припадниците на опозицијата ги напаѓа Русија, а од копното Асад. Откако бевме принудени да се повлечеме, ДЕАШ остварува напредок“, рече тој.
Тој додаде дека ДЕАШ на тој начин зазел подрачје со површина од околу 30 квадратни километри.
„Ние веруваме дека режимот на Асад го поддржува ДЕАШ и со муниција“, рече Хусеин.
Тој посочи дека одредени опозициски и антирежимски групи заедно делуваат и штитат одредени подрачја.
Сепак, поради нападите илјадници цивили се принудени да бегаат во бегалските кампови во северниот дел на Идлиб, кој во мај 2017 година беше прогласен за зона без судири.
Вооружените сили на Турција, во согласност со договорот со земјите-гаранти, Русија и Иран, со цел исполнување на набљудувачката мисија, на 13 октомври 2017 година започнаа прекугранично распоредување на силите.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, минатата недела рече дека борбата против ДЕАШ во голема мера е готова и дека новата цел е Фронтот ал-Нусра.