Mohamad Misto,Afra Aksoy
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
ДЕРА (АА) - Во бегалските кампови во јужниот дел на Сирија започна проектот „Мобилни училишта“, за чија реализација придонесоа и просветните работници волонтери. Така децата барем делумно ќе го стекнат образование, нешто што беше оневозможено поради војната во Сирија којашто трае од 2011 година, пишува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за четири уредени автобуси, а во секој од нив има возач и двајца наставници. Автобусите во одреден временски период патуваат од камп до камп во источната рурална област Дере и во западната област Кунеитра. Наставникот Ејам Азизе изјави дека проектот е започнат од страна на здружението „Маслинова гранка“, и дека неговата цел е да се намали неписменоста меѓу децата бегалци.
„Родителите воодушевено го прифатија проектот, кој е нова надеж за образованието на децата. Овој вид на образование кај децата не е ограничен само на психолошка поддршка и читање кратки приказни. Со програмата се опфатени подучување во читање и пишување, но и предметите математика и англиски јазик“, вели Азизе.
Сириецот Ебу Али ел-Ферај, бегалец Eл-Лејет, сместен во бегалскиот камп во Eл-Мусејфирах, истакна дека ова е мошне важна иницијатива.
„Со овој проект ќе биде зголемено нивото на образование кај децата кои поради бомбардирањето на сирискиот режим беа присилени да го напуштат училиштето. Освен тоа, програмата ги охрабрува децата што никогаш не оделе на училиште да учат да читаат и да пишуваат“, изјави Ферај.
Според него, образованието во бегалските кампови на јужниот дел на земјата доби трагичен облик.
„Во камповите постојат различни проблеми кога станува збор за образованието. Има многу 12-годишни деца кои не знаат да читаат, ниту да пишуваат. Освен тоа, во секој камп не постои образовен центар, а и во оние што постојат нема доволно наставен кадар“, додаде тој.
Локалните хуманитарни организации на подрачјата контролирани од опозициските сили во јужниот дел на Сирија настојуваат да го организираат образованието и подучувањето на децата. Привремената сириска Влада не дава речиси никаква поддршка, без разлика дали станува збор за изградба на училилишта во тоа подрачје или за финансиска помош.
Податоците на Меѓународниот фонд на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ), објавени во март, покажуваат дека поради војната во Сирија, 2,8 милиони сириски деца во земјата и во регионот не стекнале образование на училиште.