свет

Сирија: Анадолу ја сними најголемата позната масовна гробница од времето на Асад

Според извештаите, во гробницата има илјадници тела, а голем број биле тајно транспортирани во текот на 14 години од болнички мртовечници, затвори и центри за тортура

Ahmet Karaahmet, Ethem Emre Özcan, Mehmet Burak Karacaoğlu, Ömer Koparan  | 02.05.2025 - Обновена : 02.05.2025
Сирија: Анадолу ја сними најголемата позната масовна гробница од времето на Асад Фото: Bakr Al Kasem/AA

ДАМАСК/ИСТАНБУЛ (АА) - Анадолу ексклузивно направи снимки од, како што се верува, најголемата масовна гробница поврзана со поранешниот режим на Башар ал-Асад, лоцирана во областа Ал-Тал, северно од сирискиот главен град Дамаск, јавува Анадолу.

Според извештаите, во гробницата има илјадници тела, а голем број биле тајно транспортирани во текот на 14 години од болнички мртовечници, затвори и центри за тортура.

Хусеин Алави, возач на камион што во тој период работел за армијата на режимот, откри морничави детали за операцијата во ексклузивно интервју за Анадолу.

Според него, во процесот се пренесувале тела од затворот „Седнаја“ – каде што починале голем број притвореници – прво до мртовечницата во воената болница „Хараста“, а потоа до масовни гробници во Ал-Тал и на други оддалечени локации.

„Сите тела беа неидентификувани, со броеви, но без имиња“, рече Алави.

„Кога ќе се наполнеше мртовечницата, ги транспортиравме телата неделно – по два камиона неделно, понекогаш со 200–250 трупови.“

Тој опиша и како камионите ги возеле до повеќе гробни места.

„Ги паркиравме камионите до јамите и луѓето се качуваа во возилата за да ги фрлат телата во рововите. Потоа доаѓаа булдожери за да ги затрупаат.“

Алави рече дека овие конвои секогаш имале воена придружба.

„Нѐ придружуваа возила напред и назад. Секогаш тоа го правевме преку ден.“

Откако местото во Ал-Тал било исполнето, режимот почнал да ги закопува телата во Ал-Кутаифа, област во близина.

„Кога се наполни местото во Ал-Тал, следните 10 години телата ги носевме во Ал-Кутаифа. Последниот транспорт го направив таму во 2019 година“, рече Алави.

Тој додаде дека офицер на режимот по име Мазин Џаблели бил задолжен за операциите за погребување.

- Транспорт на мртви до последните денови -

Алави рече дека својата морбидна работа ја извршувал речиси до 10-15 дена пред паѓањето на режимот на Асад.

Тој забележа дека многу од труповите што ги пренел до регионот Неџха имале видливи знаци на тортура.

„За истовар беа потребни четворица и околу 10-15 минути. Некои трупови беа оставени толку долго што почнале да се распаѓаат. Ако нема ладење, телата се топат како сапун“, рече тој.

Исто така, тој го спомена составот на жртвите.

„Имаше најмногу една или две жени. Другите беа мажи – млади и стари. Никогаш не видов деца.“

Размислувајќи за своето молчење за време на владеењето на режимот, додаде: „Сето тоа сега е завршено. Постојат работи што сакам да ги кажам, работи што не смеевме да ги кажеме порано. Тогаш, ако зборуваш, исчезнуваш. Но сега падна режимот. Готово е.“

Денес отворените јами сè уште ја обезличуваат областа Ал-Тал, а голем број сè уште не се ископани.

Се очекува сириските власти наскоро да започнат официјални истраги, со вклучување на безбедносните сили и тимовите за цивилна заштита.

- Се појавуваат повеќе масовни гробници -

По падот на режимот на Асад низ земјата беа откриени повеќе масовни гробници – многу од нив во и околу Дамаск.

Во некои имало остатоци што биле распаднати или распарчени до непрепознатливост.

Местото во Ал-Тал сега се смета за најголема потврдена масовна гробница поврзана со режимот, врз основа на директно сведоштво на очевидци.

Во населбата Сбеине во Дамаск неодамна тимови на сириската цивилна заштита открија уште една масовна гробница под зграда што порано ја користел режимот на Баас за приведување цивили.

Безбедносните сили во Алепо открија гробница во селото Накарин, а се верува дека во неа има остатоци од цивили егзекутирани од режимот. Првичните процени укажуваат дека таму има околу 1.500 тела.

На 29 декември државната новинска агенција на Сирија, САНА, објави за откривање на уште една гробница близу регионот Хула во Хомс, а се верува дека и таму има жртви на режимот на Асад.

Исто така, гробни места се идентификувани и на неколку други локации, вклучително и областа на Багдадскиот мост во Дамаск, регионот Изра во Дараа, областа Хусеиние во главниот град и во близина на Сајиде Зејнаб.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.