Burak Bir
02 Мај 2025•Ажурирај: 03 Мај 2025
ЛОНДОН (АА) – Ирска денеска го повика Израел веднаш да ја укине блокадата за доставување хуманитарна помош во Газа, бидејќи денес се одбележува најдолгиот прекин на влез на помош во енклавата од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година, јавува Анадолу.
„Ниту хуманитарни, ниту комерцијални продукти не влегле во Газа веќе повеќе од осум недели како резултат на израелската блокада. Децата гладуваат. Болниците остануваат без основни лекови против болка“, рече ирскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Сајмон Харис.
Повикувајќи се на предупредувањето од Светската програма за храна дека нивните залихи се исцрпени, Харис истакна дека спасувачката помош постои и е итно потребна, но камионите не можат да влезат во Газа.
„Незамисливо е што страдањето продолжува. Ова е најдолгиот период без влез на хуманитарна помош во Газа од почетокот на војната“, додаде тој.
Харис ја оцени состојбата како „неприфатлива“ и нагласи дека спречувањето на помошта претставува кршење на меѓународните обврски на Израел.
„Ирска го повикува Израел веднаш да ја укине блокадата и да овозможи непречен влез на хуманитарна помош“, порача тој, повикувајќи ги сите страни да се вратат на преговарачка маса со цел постигнување итен прекин на огнот и ослободување на сите заложници.
Исто така, тој апелираше до меѓународната заедница да „дејствува сега за да се спречи понатамошна катастрофа“.
Израел ги затвори премините кон Газа на 2 март, блокирајќи го влезот на основни резерви и покрај бројните извештаи за глад на територијата уништена од војна.
Израелската Армија го обнови својот напад врз Газа на 18 март, прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници со палестинската група на отпорот, Хамас, од 19 јануари.
Повеќе од 52.400 Палестинци се убиени во Газа во бруталниот израелски напад од октомври 2023 година, повеќето од нив жени и деца.
Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите дејствија во Газа.