Rabia İclal Turan
20 Септември 2025•Ажурирај: 21 Септември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за надворешни работи Асад ал-Шајбани во петокот го крена знамето над сириската амбасада во Вашингтон за прв пат по повеќе од една деценија, известува Анадолу.
Церемонијата привлече сириски Американци кои го опишаа настанот како „историски“ ден за сирискиот народ и почеток на ново поглавје во врските, девет месеци по падот на режимот на Башар ал-Асад.
Исто така, ова се случува неколку дена пред сирискиот претседател Ахмад ал-Шара да допатува во Њујорк за Генералното собрание на ОН, што ќе ја означи првата посета на САД по 58 години од страна на сириски претседател.
„Секако, ова е историски момент“, изјави Шајбани за Анадолу по церемонијата на кревање на знамето, додавајќи дека тоа ја претставува борбата на сирискиот народ за време на 14-годишната граѓанска војна.
Шајбани оствари средби со неколку пратеници и високи функционери, вклучувајќи го и заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, и специјалниот пратеник за Сирија, Том Барак. Разговорите во Стејт департментот ги опфатија иднината на Сирија, односите меѓу Израел и Сирија и договорот од 10 март меѓу Дамаск и Сириските демократски сили (СДС), информирааа американски официјални лица.
Овој договор, објавен од сириското претседателство претходно оваа година, ги изложи плановите за интегрирање на СДС во државните институции, нагласувајќи го територијалниот интегритет на земјата и отфрлајќи ја секоја сепаратистичка агенда.
Шајбани пристигна во Вашингтон во четврток, што е прва посета на сириски министер за надворешни работи на САД по повеќе од 25 години.
Историската посета доаѓа во време кога Дамаск се обидува да го прошири дипломатскиот ангажман во странство по годините изолација за време на сириската граѓанска војна и по падот на режимот на Башар.