Ekipa
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
ЏАКАРТА (АА) - Премиерот на Сингапур Ли Хсиен Лунг соопшти дека на жените муслиманки, вработени во јавното здравство во Сингапур, вклучително и на медицинските сестри, им е дозволено да носат хиџаб како додаток на нивните униформи почнувајќи од ноември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека носењето хиџаб е од големо значење за муслиманската заедница и за многу муслимански жени тоа е важен дел од нивната вера и израз на длабоко врежан идентитет.
Ли, исто така, нагласи дека се менуваат ставовите кон прашањето за хиџабот кај локалните муслимани со текот на годините.
„Тоа го одразува општиот тренд на посилна религиозност во исламот, низ целиот свет, во Југоисточна Азија и во Сингапур“, рече Ли за време на собирот по повод Денот на државноста.
„Промената е постепена, но со текот на една генерација, промената е сосема очигледна. Владата целосно ја разбира желбата на повеќе муслиманки кои сакаат да носат хиџаб“, додаде тој.
Ли, исто така, рече дека оние кои не се муслимани се навикнале да гледаат како муслиманките носат хиџаб, додека помладите Сингапурци повеќе ги прифаќаат расните и верските разлики.
„Прво ќе се увериме дека сите, муслимани и немуслимани, ја имаат разбрано и прифатено промената, бидејќи хиџабот не е прашање само на муслиманите. Тоа е национално прашање“, истакна премиерот.
Министерството за здравство рече дека ревидираната политика за униформирана облека ќе се примени за повеќе од 7.000 вработени.
Но, мора да се одржува статус кво за Сингапурските вооружени сили, Академијата при Министерството за внатрешни работи и другите униформирани служби.
„Тие се непристрасни и секуларни оружја на државата. Тие располагаат со вооружена сила и ги спроведуваат законите на Сингапур. Мора секогаш да се гледа дека тоа го прават без страв. Затоа, секој носи иста униформа“, објасни тој.