Barış Gündoğan
25 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
АНТАЛИЈА (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска во јужниот турски град Анталија порача дека, се додека од Западот го нарекуваат диктатор, тој за нив ќе ги користи термините фашисти и нацисти, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати пред собраните граѓани во турскиот град Анталија, а во таа прилика се осврна и на актуелните случувања.
Истакна дека забраните и ембаргото кои претходно се воведени на Турција покажуваат дека неговата земја, во случај денеска да зависи од другите земји, не би била во состојба да пронајде ниту еден куршум за потребите против тероризмот.
„Одлуките за безбедноста на нашите граѓани и заштита на интересите на нашата земја ги донесуваме во Анкара, а исто така, тие одлуки ги спроведуваме во Силопи, Габар, а ако е потребно и во Сирија и во Ирак", рече Ердоган.
Турскиот претседател порача дека „Турција денеска нема потреба за ништо да зема дозвола од другите" и додаде:
„Денеска борбата против тероризмот, како во рамките на земјата така и надвор од неа, ја спроведуваме со нашите сопствени можности. Нашата војска, полиција, безбедносните сили се борат против терористите, бидејќи му дадовме збор на нашиот народ. Ќе ја продолжиме нашата борба се додека во потполност не воспоставиме мир и благосостојба".
Претседателот Ердоган се осврна и на критиките по повод користењето на терминот фашизам и нацизам на одредени европски земји, на што рече:
„Додека Вие (Западот) за мене го користите терминот диктатор, јас Вам ќе ви говорам ‘фашисти’ и ‘нацисти’. Бидејќи јас ни за време на мандатот на претседател, ниту за време на мандатот на премиер никогаш не правев било какви разлики кон било кој, ниту во однос за прашањето на правата и слободите, ниту за слобода на мислењето, ниту за верата. Напротив, таквите разлики во нашата земја, кон жените со марама и без неа, ги правеа оние кои мене денеска ме нарекуваат диктатор", рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.