Ekip
17 Јули 2022•Ажурирај: 18 Јули 2022
МОГАДИШУ (АА) - Повеќе лица ги загубија животите во јужниот дел на Сомалија од силна експлозија во популарен хотел што го посетуваат регионални функционери, потврдија локалните власти, известува Агенција Анадолија (АА).
Експлозијата е предизвикана со автомобил, а цел бил хотелот Нур Доб во градот Џоухар, при што се ранети неколку лица, вклучувајќи и локални функционери, меѓу кои е и министерот за здравство на сомалиската сојузна држава Хиршабел.
Џоухар е административен центар на сојузната држава Хиршабел и се наоѓа на 90 километри северно од главниот град Могадишу.
Очевидците за Агенција Анадолија изјавија дека експлозијата ги зафатила околните згради и дека станува збор за една од најсилните што ги чуле во последно време во земјата на Рогот на Африка, која доживеа бројни големи напади последните години.
Ниедна организација сѐ уште не ја презеде одговорноста за нападот, но терористичката организација Ал-Шабаб, поврзана со Ал Каеда, претходно ја преземаше одговорноста за слични напади.
Сомалија веќе неколку години е сцена на длабока политичка и безбедносна криза, а најголема безбедносна закана во оваа африканска земја претставува терористичката организација Ал-Шабаб.
Африканската унија се бори против Ал-Шабаб откако пристигна во Сомалија во 2007 година. Терористичката организација Ал-Шабаб изведе бројни смртоносни напади во Сомалија и во поширокиот регион.