Berk Kutay Gökmen
16 Февруари 2026•Ажурирај: 17 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Како последица на интензивните поројни врнежи од дожд, проследени со силен ветер, денес се откажани сите летови, а стотици домаќинства останаа без електрична енергија низ Северниот Остров на Нов Зеланд, пренесува Анадолу.
Повеќе од 30.000 домаќинства останаа без електрична енергија откако силните ветрови соборија дрвја и електрични водови низ поголем дел од јужниот дел на Северниот Остров, објави Радио Нов Зеланд.
Снабдувачот со електрична енергија Пауерко соопшти дека има околу 23.000 прекини во снабдувањето низ својата мрежа, вклучително и приближно 10.000 во регионот на Велингтон.
Регионот Манавату-Вангануи е исклучително тешко погоден поради што е прогласена вонредна состојба.
Евакуациите се во тек и низ Линколн роуд во Мастертон, поради опасност од паѓање на дрвја.
Помошник-командирот на пожарникарната служба на Ваирарапа, Иан Врајт, изјави дека ноќта била исклучително динамична со голем број интервенции поврзани со временските услови што сè уште се во тек, предупредувајќи дека паѓањето дрвја останува најголемата опасност.
Тој изјави дека плитко вкоренетите дрвја на Линколн роуд се „многу, многу нестабилни, па две улици се затворени, а луѓето се евакуирани.“
Авиокомпанијата на Нов Зеланд ги откажа своите летови од и до неколку поголеми центри, вклучително и главниот град Велингтон, поради опасноста од силните ветрови.
„Безбедноста е најважна и продолжуваме внимателно да ги следиме условите, при што се очекува ветровите да стивнат подоцна утрово, кога очекуваме да ги обновиме услугите“, изјави главниот оперативен директор Алекс Марен.
Во пет области е прогласена вонредна состојба - Манавату, Рангитикеи, Тараруа, Ваипа и Отороханга.
Јачината на ветер достигнаа до 240 километри на час на источниот брег на јужниот дел од Северниот Остров, вклучително и кај Кејп Турнагејн, додека на повисоките делови на Велингтон е регистрирана јачина до 190 км/ч, а околу 130 км/ч во градот.
Се очекува силните ветрови и обилните врнежи да продолжат над јужниот дел на Северниот Остров, пред постепено да се поместат на југот во текот на денот.