Ekipa
06 Април 2016•Ажурирај: 07 Април 2016
СИДНЕЈ (АА) - Силен земјотрес го погоди денес островот Вануату во јужниот дел на Тихиот Океан, но не е издадено предупредување за цунами и нема извештај за повредите или оштетувањето на објектите, јавува Anadolu Agency (AA).
Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,9 степени по Рихтеровата скала бил 100 километри западно од селото Сола и 450 километри од Порт Вила, главниот град на Вануату, соопшти Геолошкиот завод на Соединетите Американски Држави. Според истиот извор, потресот се случил на длабочина од 33 километри.
Шадрак Велетабит, директорот на Националната служба за управување со катастрофи на Вануату, рече дека не добиле никакви извештаи за евентуални повредени лица или причинета материјална штета, и дека земјотресот не се почувствувал во главниот град.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами рече дека нема никакви закани од оваа појава.
Ова е втор силен потрес кој го погоди островот Вануату во краток временски период. Првиот со иста јачина се случи во неделата.
Вануату се наоѓа во т.н Пацифички Огнен прстен (Ring of Fire), подрачје во Тихиот Океан каде што земјотресите се честа појава. Жителите на островот често се среќаваат и со ерупции на вулкани и силни циклони.