Gözde Bayar
04 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Светот ќе искуси пораст на случаите на рак за 60 отсто во следните две децении, доколку продолжат сегашните тенденции, предупредува Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Најголемиот пораст [околу 81 отсто] на нови случаи ќе се случи во земјите со низок и среден приход каде што стапките на преживување од болеста во моментот се најниски“, се нагласува во денешното соопштение на СЗО, по повод Светскиот ден на ракот.
„Во 2019 година, над 90 отсто од државите со високи приходи објавија дека на располагање се сеопфатни услови за третман на ракот во јавниот здравствен систем во споредба со помалку од 15 отсто од земјите со ниски приходи“, се додава од СЗО.
„Најмалку 7 милиони животи би можеле да бидат спасени во текот на следната деценија со одредување на најсоодветните научни методи за одредената ситуација во секоја земја поодделно, базирајќи се на универзалното здравствено покривање на болеста и со мобилизирање на различни страни од таа област да работат заедно“, истакна Тедрос Аданoм Габриезус, генералниот директор на СЗО.
Здравствената агенција на ОН ги нагласува низата докажани интервенции за спречување нови случаи на рак, вклучително и контрола на употребата на тутунот, што е одговорен за 25 отсто од смртните случаи на рак, вакцинирање против хепатитис Б со цел спречување на карциномот на црниот дроб, елиминирање на карциномот на грлото на матката со вакцинирање против ХПВ, скрининзи и третмани.
Според СЗО, здравството во земјите со ниски и средни приходи не е опремено за спречување, дијагностицирање и лекување на ракот.
Овие земји, велат од СЗО, се фокусирани на нивните ограничени ресурси за борба против инфективните болести и кон подобрување на здравјето на мајката и детето, наместо на борбата против канцерот.
„Ова е повик за будење на сите за справување со неприфатливите нееднаквости помеѓу здравствените услуги за борба против карциномот во богатите и сиромашните земји“, рече д-р Рен Мингуи, помошник генерален директор на СЗО.
Светскиот ден на ракот, кој се одбележува секоја година на 4 февруари, има за цел да ја подигне свеста за смртоносната болест и да ја охрабри нејзината превенција, откривање и лекување.
Секоја година, Меѓународната унија за борба против карцином (UICC) заедно со други организации започнува кампањи за зголемување на јавната свест за ракот и за обезбедување информации во врска со начините за намалување на ризикот од негово развивање.