Emre Aytekin
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Трошоците за лекување на болните од рак на глобално ниво, минатата година ја надминаа бројката од 110 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот Квинтилес ИМС, кој врши анализа на политиката за здравственото осигурување на глобално ниво, објави извештај во кој истакнува дека трошоците за лекување и поддршка на болните од рак во светот, кои во 2012 година изнесувале 91 милијарда долари, во 2016 година се искачиле на 113 милијарди долари.
Во извештајот се наведува дека 46 отсто од овие трошоци се направени во САД.
- Трошоците за производство на лековите за рак забрзано растат
Според извештајот, во последните пет години забележано е зголемување на трошоците во производството на лекови за рак.
Аналитичарите сметаат дека причината за овој раст е широкото прифаќање на персонализираното лекување на рак од страна на луѓето и намалувањето на периодот за одобрување на новите лекови.
Во извештајот се истакнува фактот дека во 2013 година, за да може една фармацевтска компанија да добие дозвола за пласирање нов лек на пазарот, во просек било потребно да измине период од околу 10 години и два месеца, додека во 2016 година тој период е намален на 9 години и 8 месеци.