Saadet Firdevs Aparı
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
СЕУЛ
Светската здравствена организација (СЗО) работи на организирање на испраќање медицинска опрема потребна за борба против коронавирусот во Северна Кореја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во неделниот извештај на СЗО се наведува дека конвојот со основна медицинска опрема за Северна Кореја тргнал преку кинеското пристаниште Далиан.
Во извештајот не се прецизира за која медицинска опрема станува збор, ниту пак се наведува дали пристигнала во Северна Кореја, која спроведува строги гранични мерки како дел од борбата против пандемијата на Ковид-19.
Властите во Северна Кореја ја известија СЗО дека до 23 септември, 40.700 луѓе биле тестирани за коронавирусот и дека сите наоди се негативни.
Во извештајот на СЗО се наведува дека меѓу тестираните во Северна Кореја минатата недела, имало 667 лица со симптоми слични на грип, вклучувајќи 573 здравствени работници.
УНИЦЕФ минатиот месец соопшти дека властите на Северна Кореја предложиле трите милиони вакцини против Ковид-19 од „Синовак“ од програмата КОВАКС наменети за таа земја, да бидат дистрибуирани во други земји најтешко погодени од пандемијата.
Од УНИЦЕФ, исто така, соопштија дека и понатаму се обидуваат да стапат во контакт со Министерството за здравство на Северна Кореја за да организираат испорака на вакцините во земјата.