Ömer Faruk Yıldız
04 Април 2022•Ажурирај: 05 Април 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека речиси целото светско население дише воздух што го загрозува неговото здравје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот што Организацијата го објави пред Светскиот ден на здравјето - 7 Април, споделени се податоци и наоди за квалитетот на воздухот во 117 земји и над 6.000 градови.
Во овој извештај се наведува дека 99 отсто од светското население живее под стандардите за квалитет на воздухот на СЗО и во воздушни услови кои го загрозуваат неговото здравје.
Меѓу другото, се нагласува дека воздухот во сите испитани земји и градови содржи ситни честички и азот диоксид со стапка штетна за телото, и дека овие елементи најчесто се наоѓаат во воздухот во земјите со среден и низок приход.
- Стапките на штетни материи се зголемени повеќе од 6 пати за 11 години
Евидентирано е дека стапките на ПМ2,5 и ПМ10, кои ја мерат количината на штетни честички во воздухот, се зголемени повеќе од 6 пати во последните 11 години во приближно 2.000 градови.
Пријавено е дека овие честички може да навлезат во белите дробови и во циркулацијата на крвта преку вдишување и да предизвикаат парализа и респираторни заболувања.
Во согласност со Директивата за квалитет на воздухот на СЗО, од земјите се бара „да ги идентификуваат изворите на загадување на воздухот со редовно следење на квалитетот на воздухот“, „да промовираат употреба на еколошка енергија за секојдневни потреби на пример, во областите готвење, греење и осветлување“, и „да го развијат јавниот превоз во градовите за да се намали употребата на лични возила“.
Исто така, дадени се препораки за „усвојување станбени политики за генерирање на обновлива енергија“, „зајакнување на локалната индустрија за управување со отпад“ и „намалување на согорувањето на земјоделскиот отпад“.
Во извештајот исто така споделени се податоци дека еколошките проблеми што може да се спречат предизвикуваат смрт на повеќе од 13 милиони луѓе во светот годишно и се упатува повик до меѓународната заедница да го „заштити здравјето на луѓето и универзумот“.
Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека моменталната загриженост за загадувањето на воздухот предизвикана од потрошувачката на енергија ја открива важноста на потребата од еколошка енергија.
„Високите цени на фосилните горива, енергетската безбедност и климатските промени ја нагласуваат потребата светот да работи на тоа да биде помалку зависен од фосилните горива“, нагласи Гебрејесус.