Gülbahar Sayım
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
НЏАМЕНА - (АА) Селестрин Траоре, една од одговорните во претставништвото на Фондот на ОН за помош на децата (УНИЦЕФ) во Чад, за АА изјави дека од болестите коишто се последица од употребата на нечиста вода, во Чад умираат голем број луѓе, повеќето деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Траоре соопшти дека 20 отсто од децата во Чад имаат дијареја. „Поради недостаток на чиста вода, секоја година 50.000 деца се раболуваат од болести коишто се последица на употребата на нечиста вода, и од нив 19.000 умираат“, соопшти тој.
Траоре истакна дека владините претставници вложуваат интензивни напори за задоволување на потребите за чиста вода, но засега не се намалува бројката на заболени деца.
- Трошоци за лекување
Претседателот на Центарот за превенција од епидемии, д-р Ахмет Мустафа, изјави дека болестите најбргу се шират во неразвиените делови од земјата, како што се басенот на Езерото Чад, Канем, Саламат и Источен Логон, и бројот на заболените во овие региони е поголем.
Д-р Мустафа вели дека децата умираат бидејќи не го добиваат потребниот лекарски третман, и додаде дека државата за лекување на овие деца секоја година има потреба од 25 милиони долари.
Од друга страна, д-р Мустафа истакна дека лекувањето на заболените е многу поскапо од дистрибуирањето вода во загрозените подрачја.
- Жителите на Чад пешачат километри до извор на чиста вода
Поранешниот министер за сточарство, Али Тахер, истакна дека најголема борба со недостатокот од вода водат жените и децата.
Министерот за вода, Абдулкерим Хагар, соопшти дека во 2015 година, пристап до чиста вода имало 42 отсто од населението, додека во 2017 година, 46 отсто од населението има пристап до чиста вода.
Министерот Хагар изјави дека планираат пристапот на населениоето до чиста вода во руралните делови од земјата, во наредните 5 години да изнесува 60 отсто, а тоа да им се овозможи на 70 отсто од населението во градовите.
Претседателот на невладината организација „Вода за Чад”, Џимасра Емануел Оџи, изјави дека жителите од руралните делови на Чад секојдневно се принудени да пешачат од 7 до 10 километри за да дојдат до чиста вода.
Претседателот на социјалистичката партија во Чад, Динаму Дарам, изнесе критики: „Додека во Чад не можe да се реши потребата за чиста вода, во соседните земји се трошат милиони долари во рамките за борбата против тероризмот“.