Uğur Çil
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
АНКАРА (АА) - Поради долгогодишната суша во Сомалија, околу 6,2 милиона жители на оваа земја се соочени со глад, а итна помош им е потребна на најмалку 2,9 милиони жители, јавува Anadolu Agency (AA).
Сомалија, крајната источна точка на Африканскиот Рог, освен што во последниот период е место на политичка напнатост и вооружени судири, од 2011 година се соочува и со најголемата суша во последните 60 години.
Во земјата со 12 милиони жители, повеќе од половина од населението (6,2 милиона) се борат со недостаток на храна, а на четвртина од нив (2,9 милиони) итно им е потребна помош.
По тешката суша, во земјата завладеа и глад, поради кој најмалку милион жители на Сомалија беа принудени да го напуштат својот дом, што воедно ја предизвика и најголемата миграција во оваа земја.
Околу 70 отсто од жителите на Сомалија се наоѓаат на границата на сиромаштија, а според податоците на УНИЦЕФ, половина од населението нема пристап до изворите со пивка вода.
Освен тоа, водата загадена со фекалии, која ја користи населението на оваа земја, им ја отвори вратата на смртоносните болести како колера и маларија. Се претпоставува дека последиците од оваа болест досега ги почувстувале околу 600.000 Сомалијци.
Според истражувањето што во 2015 година го спроведе УНИЦЕФ, секое седмо дете родено во оваа земја, поради заразни болести, неухранетост или недостаток на медицинска поддршка, умира пред да наполни пет години.
Наведено е, исто така, дека 92 отсто од децата во оваа земја се соочени со тешка неухранетост.
Со оглед на внатрешните немири и тероризмот, меѓународната заедница одблиску ја следи ситуацијата во Сомалија, а од 2011 година, со проблемите од сушата и гладот во оваа земја активно се борат и ОН.
Податоците на ОН покажуваат дека во првите две години од сушата, меѓу 2010 и 2012 година, во Сомалија починале 260.000 лица. Иако за тоа не се објавени податоци, се претпоставува дека борјот на починатите лица оттогаш постојано расте. Како последица од сушата, земјоделството во потполност е уништено.
Терористичката организација Ал-Шабаб, која претставува дополнителен проблем во оваа земја, многу често ги напаѓа конвоите со хуманитарна и медицинска помош што пристигнуваат во Сомалија, и на тој начин кризата станува уште поголема.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во март ја посети Сомалија и изјави: „Луѓето умираат. Светот мора веднаш да преземе нешто за ова да се спречи. Судири, суша, климатски промени, болести, колера. Кога сето тоа ќе се спои, тоа е кошмар“.
Сомалискиот претседател Мухамед Абдулахи Фармаџо прогласи состојба на „национална катастрофа“ на ниво на целата земја.