Sena Güler
02 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
СЕУЛ (АА) - Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се појави во јавноста по 20 дена отсуство и бројни шпекулации за неговата здравствена состојба, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Ким присуствуваше на отворањето на фабриката за производтсво на ѓубрива во Сухон во провинцијата Јужна Пјонган“, пренесува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Повикувајќи се на севернокорејските државни медиуми, „Јонхап“ понатаму јавува дека се објавени фотографии на кои се гледа како Ким Јонг Ун ја пресекува лентата во друштво на високи севернокорејски претставници, вклучувајќи ја и неговата помлада сестра Ким Јо Јонг.
Шпекулациите за здравствените проблеми на Ким Јонг Ун се актуализираа откако на 15 април не се појави на одбележувањето на 108. роденден на неговиот дедо и основачот на Северна Кореја, Ким Ил Сунг. Повикувајќи се на неименувани извори, неколку медиумски куќи објавија дека Ким Јонг Ун починал.
Севернокорејскиот лидер последен пат беше виден во јавноста на 11 април кога претседаваше со состанокот за пандемијата на Ковид-19. Информациите за бројот на заразени од коронавирусот во Северна Кореја не се достапни за јавноста.