Sena Güler
02 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Генералот на нелегитимните сили со седиште во источна Либија, Калифа Хафтар, објави примирје под „наредба на Русија“, бидејќи претрпе големи загуби во борбите со либиската Влада за национално единство признаена од Обединетите нации, изјави Агила Салех, прохафтаровиот претседател на Парламентот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дискусиите меѓу спикерот на либискиот Претставнички дом, Агила Салех, и племенските водачи од источна Либија, се емитуваа на социјалните мрежи, а во нив Салех изјави дека Русија, меѓународниот поддржувач на Хафтар, подготвила извештај за состојбата на теренот.
„Според овој извештај, милициите на Хафтар биле во тешка состојба пред либиската армија“, рече Салех, додека милициите во Тархуна, југоисточно од Триполи, биле „како на работ на карпа“, бидејќи снабдувањето со гориво испратено за милицијата на Хафтар беше прекинато со воздушен напад.
Тој истакна дека во извештајот исто така се вели дека внатрешната војна против милицијата на Хафтар ќе премине во нова фаза и додаде: „Русите сакаа Хафтар да објави прекин на огнот бидејќи ситуацијата во зоните на судири се влошува.“
- „Изјавата треба да биде во согласност со Берлинската конференција“ -
Салех тврди дека Русите доставиле писмено барање до Хафтар да даде изјава за „повторното формирање на Претседателски совет“ и дека тие сакале изјавата да биде во согласност со одлуките постигнати на Берлинската конференција за повикот за прекин на огнот во Триполи и формирање на нов Претседателски совет.
„Според извештајот на Русија, во меѓувреме, може и оваа недела, во Обединетите нации ќе биде сигурно дека либиската Влада е легитимен претставник на земјата“, рече тој.
Од соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две места на моќ, првото на воениот командант Хафтар во источна Либија, поддржан главно од Египет и ОАЕ и второто, на Владата на национално единство во Триполи, која ужива поддршка на ОН и меѓународно е призната.
Хафтар во понеделникот еднострано се прогласи за претседател на земјата, тврдејќи дека „го прифатил мандатот даден од либискиот народ“ и Договорот од 2015 година, склучен со посредништво на ОН за обединета влада во земјата, го нарече минато.
Но, овој обид за пуч од страна на Хафтар беше осуден од меѓународните актери и регионалните сојузници.
Имено, иако портпаролот на Хафтар соопшти дека е објавен едностран прекин на огнот, силите поврзани со одметнатиот командант го нападнаа јужниот дел на Триполи со ракетни фрлачи само неколку часа пред објавувањето.