Bahtiyar Abdülkerimov
02 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
ТАШКЕНТ (АА) - Во Узбекистан, како резултат на поројните дождови во централниот регион Сирдaрја, се урна брана, со што стотици куќи останаа под вода, а од регионот евакуирани се 70 илјади лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за вонредни состојби, Мурат Садиков, соопшти дека поради обилните дождови делумно е урната браната Сардоба.
Садиков, истакнувајќи дека се поплавени некои земјоделски површини и населени области, рече дека 56 лица се повредени, а 70.000 лица кои живеат во близина на браната се евакуирани.
Наведувајќи дека спасувачките екипи продолжуваат со својата работа, Садиков рече дека протокот на водата од браната е запрен, откако била насочена кон другите реки.
Во соопштението од Кабинетот на претседателот се истакнува дека по катастрофата претседателот Шефкет Мирзијоев заминал во регионот, и дека сѐ уште се наоѓа таму.
Мирзијојев, на средбата со погодените од катастрофата рече дека ќе бидат исполнети сите услови за живот на евакуираните лица.
„Ќе ја мобилизираме сета наша моќ. Сѐ додека не бидат подобрени условите, ниту еден раководител, вклучително и јас, нема да заминеме оттука“, нагласи претседателот Мирзијојев.
Браната Сардоба, чија изградба е завршена во 2017 година, има воден капацитет од 922 милиони кубни метри и се користи за наводнување на земјоделските површини во покраините Сирдарја и Џиза.