Murat Karadağ
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја соопштија дека земјата не е вмешана во неодамнешниот атентат во кој во Малезија беше убиен Ким Џонг-нам, постариот полубрат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун, јавува Anadolu Agency (AA).
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА јавува дека Комитетот на правници при Парламентот на Северна Кореја ги негирал обвиненијата за каква било вмешаност на Пјонгјанг во неодамнешното убиство на аеродромот во Куала Лумпур и најостро го осуди потегот на Малезија којашто повика две севернокорејски официјални лица во својство на осомничени да дадат изјави.
Комитетот смета дека обвинувањето на Северна Кореја за атентатот на Ким Џонг-нам е уште еден од низата потези зад кои стои кампањата што Јужна Кореја ја води против Пјонгјанг.
Од Пјонгјанг се тврди дека најмногу за убиството е одговорна Малезија, земјата во која се случи убиството.
Од друга страна, Малезија побара помош и од Интерпол во спроведувањето на истрагата за убиството на Ким Џонг-нам, кое се случи на 13 февруари.