Selen Temizer,Mohamad Misto,Muhammed Shekh Yusuf,Fatih Erel,Bayram Altuğ
23 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Започнаа билатералните средби од четвртиот круг на женевските преговори за Сирија, коишто се одржуваат под надзор на Обединетите нации (ОН) во швајцарскиот град Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура одржа одделни средби со делегацијата на режимот и со опозициската делегација во канцелариите на ОН.
Де Мистура прво се сретна со делегацијата предводена од постојаниот претставник на ОН, Бешар Џафери. По оваа средба, која траеше околу 30 минути, Мистура се сретна со опозициската делегација.
На средбата, во име на опозицијата учествуваа шефот на делегацијата, Насир Харири, потпретседателот на Врховниот комитет за преговори, Јахја Кадамани, како и главниот преговарач Мухамед Сабра.
Свеченото отворање на четвртиот круг на женевските преговори ќе се одржи попладе.
Мистура истакна дека форматот на средбите сѐ уште не е определен.
Претставниците на опозициската делегација во своето вчерашно соопштение нагласија дека сакаат дирекно да се сретнат со делегацијата на режимот на Асад за да не се губи време.
Освен делегациите на опозицијата и режимот на Башар ал Асад, во воведната сесија во ОН се очекува да учествуваат и претставниците на членовите од Меѓународната група за поддршка, меѓу кои се Русија, Турција, Иран и САД.
Во име на Турција, на оваа средба ќе учествува заменик-секретарот на Министерството за надворешни работи одговорен за Блискиот Исток, Седат Онал и придружната делегација.
САД ќе бидат претставувани од страна на специјалниот претставник за Сирија, Мајкл Ратни. Русија ќе биде претставувана од страна на постојаниот претставник на ОН за Женева, Алексеј Бородавкин.
Се очекува во Женева да пристигне и шефот на одделот за Блискиот Исток и за Северна Африка при Министерството за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершинин.
Мистура во својата вчерашна изјава истакна дека рамката на овие средби е резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.
По завршувањето на преговорите на делегациите од опозицијата и од режимот, со оваа одлука се предвидува да се воспостави преодна влада. Новата преодна влада треба да го подготви Уставот и да ја доведе државата до фер избори.