Ekipa
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја изврши ново лансирање на проектил со среден дострел во Јапонското Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружените сили на Јужна Кореја и Американската команда на Пацификот соопштија дека армијата на Северна Кореја од базата во местото Синпо, во Јапонското Море лансираше проектили KН-15 со среден дострел.
Како што јавува американската команда, станува збор за проектил лансиран од копнена лансирна рампа, а од истиот регион Северна Кореја неодамна изврши тестирање на проектил којшто беше лансиран од море.
„Северна Кореја повторно лансираше проектил со среден дострел. Доста зборувавме за Северна Кореја, веќе немаме коментар“, изјави американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.
Последната провокација од Северна Кореја се случи еден ден пред првиот состанок на претседателот на САД, Доналд Трамп, со неговиот кинески колега Си Џинпинг.
Трамп најави дека ќе побара од Кина конкретно да помогне во борбата против развојот на нуклеарното оружје на Северна Кореја и порача оти САД сигурно ќе ја продолжат оваа борба, без оглед на одговорот на Кина.
„Кина ќе одлучи дали сака да ни помогне во врска со Северна Кореја или не. Ќе биде добро за Кина ако се согласи со тоа, а нема да биде добро за никого, ако не се согласи“, изјави Трамп.