Ekipa
18 Април 2019•Ажурирај: 19 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Светската здравствена организација (WHO) објави дека во судирите во либискиот главен град Триполи и неговата околина бројот на загинати се искачил на 205 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мисијата на СЗО во Либија, преку својот профил на социјалните мрежи објави дека од почетокот на воените судири што генерал Халифа Хафтар ги започна со нападот на Триполи, загинале 205 лица, а 913 се ранети.
Во соопштението се наведува дека вчера Триполи бил поприште на „најсуровите судири“ од 2014 година досега.
- Раселени 18.000 лица -
Светската здравствена организација информираше дека поради вооружените судири, повеќе од 18.000 лица ги напуштиле своите домови.
Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, во вторникот соопшти дека во судирите во Триполи и неговата околина, животот го загубиле 174 лица, а 756 се ранети.
Генерал Халифа Хафтар, лидер на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април издаде наредба за заземање на главниот град Триполи, по што единиците на Владата на национално единство на Либија ја започнаа операцијата „Буркан ал Гадаб“ (Вулкан на гневот).