Firdevs Bulut
29 Април 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
ЛОНДОН
Хатиџе Џенгиз, свршеницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, побара од Премиер лигата да го спречи Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија да го преземе фудбалскиот клуб „Њукасл јунајтед“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нејзиниот адвокат, Родни Диксон, во писмото до Премиер лигата, во име на Џенгиз побара да го спречат конзорциумот предводен од Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија да го купи Њукасл јунајтед.
Џенгиз го сподели писмото на социјалната мрежа Твитер и побара од администрацијата на Премиер лигата да ги преземе сите потребни чекори со цел да ја спречи таквата акција.
„Премиер лигата не би требало да му дозволи на некој (саудискиот принц) Мухамед бин Селман, кој сè уште не се соочи со каква било одговорност за убиството на мојот покоен свршеник, да биде вклучен во спортот во Велика Британија. Во спротивно ова многу ќе ја наруши репутацијата на Премиер лигата и Велика Британија“, пишува во писмото.
Во писмото се додава дека фудбалот не би требало да стане дел од такво заташкување.
Директорката на британски „Амнести интернешнал“, Кејт Ален, минатата недела со писмо до Ричард Мастерс, извршниот директор на Премиер лигата, побара да го спречи преземањето на Њукасл јунајтед.
„Доколку Премиер лигата не застане и не ја разгледа сериозно ситуацијата за човековите права во Саудиска Арабија, ризикува да стане жртва, односно да ги измамат оние што преку спортот се обидуваат да ги прикријат погубните податоци за човековите права“, истакна Ален во писмото.
Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија, на чие чело се наоѓа саудискиот принц Мухамед бин Селман, понуди околу 300 милиони фунти (344 милиони евра) за преземање на Њукасл јунајтед.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ (Washington Post), исчезна по влезот во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Откако на почетокот тврдеа дека го напуштил Конзулатот жив, саудиските власти неколку недели подоцна признаа дека бил убиен во зградата на Конзулатот.
Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА), според наводите, со сигурност тврди дека убиството на Кашоги било наредено од саудискиот принц Мухамед бин Селман.