Elena Teslova
29 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
МОСКВА
Руските власти денес забележаа 108 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, што е нова највисока бројка забележана за еден ден од почетокот на епидемијата во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупниот број на починати изнесува 972 лица, додека 5.841 лице се позитивни на Ковид-19 во последните 24 часа, со што вкупниот број на заразени во земјата изнесува 99.399“, се соопштува од тимот за итни случаи на Русија.
Под медицински надзор поради сомнеж за заразување со Ковид-19 се 199.000 лица.
Бројот на излекувани во земјата достигна 10.286, откако 1.830 лица беа пуштени од болница.
Бројот на тестови извршени во Русија се искачи на приближно 3,3 милиони, просечно 150.000 тестови направени во еден ден, со што се овозможува вирусот да биде откриен во рана фаза.
Рускиот претседател, Владимир Путин, вчера најави продолжување на карантинот на земјата до 11 мај, со цел да се намали ширењето на пандемијата на Ковид-19.
Путин изјави дека благодарение на напредните мерки, Русија успеала правилно да се подготви за ширењето на вирусот, повторно да го организира здравствениот систем и да се снабди со лекови и медицинска опрема, што резултираше со помал број смртни случаи и случаи на заразување.
Проширените мерки вклучуваат продолжување на суспендирањето на работните активности и задржување на затворањето на големите градови, вклучувајќи го главниот град Москва и вториот по големина град, Санкт Петербург.
Истовремено, Путин ѝ наложи на Владата до 5 мај да ги подготви препораките за постепено ублажување на мерките и националниот план за оживување на економијата и деловните активности со преземање на потребните мерки на претпазливост против повторното ширење на вирусот.