Sofya Hocabaşi,Hamdi Yıldız
06 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Светската унија на исламски научници (IUMS) го осуди уништувањето и пљачката на турбето на Омар бин Абдулазиз во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на Унијата, Али Мухидин ал Карадаги, порача дека „ова злосторство е доказ за големата омраза кон праведниот калиф Омер бин Абдулазиз, дури и 1.300 години по неговата смрт“.
Карадаги истакна дека оние што го сториле тоа не негуваат само омраза кон Омер бин Абдулазиз, туку генерално кон следбениците на практиката на пратеникот Мухамед (Ехли-Сунет). Тој додаде дека ова претставува напад врз сите муслимани и ширење безредие.
Пред повеќе од 10 дена беше објавено дека проиранските терористички групи во редовите на режимот на Башар ал Асад во сириската покраина Идлиб ископале гроб, за кој се верува дека му припаѓа на Омер бин Абдулазиз, емевискиот калиф или петтиот праведен калиф на муслиманите.
На видеоснимката објавена на социјалните мрежи од страна на прорежимските страници во вторникот можеше да се види како терористичките групи ексхумираат гроб во местото Деир Шарки во близина на градот Маарат ал Нуман.
На друго видео се гледа како го отвораат гробот и ги изнесуваат посмртните останки, за кои не се знае каде се преместени.
Режимските сили во февруари го запалија подрачјето околу местото кога ја презедоа контролата врз градот, предизвикувајќи значителна материјална штета.
Омер бин Абдулазиз, попознат како Омер II, емевискиот калиф или петтиот праведен калиф на муслиманите, владеел од 22 септември 717 година до неговата смрт во 720 година.
Тој има дадено особено значаен придонес за напредокот на заедницата и за спроведувањето на важни реформи, а опишан е како најпобожен и најправеден од сите емевиски калифи.
Неговото потекло допира до Омер бин ал-Хатаб, вториот муслимански калиф и придружник на божјиот пратеник Мухамед.