Zehra Nur Düz,Ali H. M. Abo Rezeg
23 Ноември 2020•Ажурирај: 24 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Саудискиот министер за надворешни работи ги негираше вестите за средба меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Видов јавувања во медиумите за наводен состанок меѓу саудискиот престолонаследник и израелски официјален претставник за време на неодамнешната посета од страна на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Таков состанок се нема случено“, напиша Фаисал бин Фархан на Твитер.
Единствените присутни официјални претставници беа од САД и Саудиска Арабија.
Израелските медиуми објавија дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тајно отпатувал со Помпео во Саудиска Арабија за да се состане со саудискиот престолонаследник.
Доколку таквите извештаи се точни, тоа би бил првиот познат состанок меѓу лидери на Израел и Саудиска Арабија, во услови на спорниот притисок од страна на Израел за нормализирање на односите со арапските земји.
Израелските весници „Хаарец“ и „Вала“ јавија дека состанокот бил одржан во Саудиска Арабија со учество на Јоси Кохен, шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад.
Од канцеларијата на Нетанјаху не ги негираат ваквите вести.
Фахран неодамна изјави дека нормализацијата на односите со Израел би се случила евентуално во рамките на мировен план меѓу Палестина и Израел.