АНКАРА (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, во врска со неговата средба со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, рече: „Тие бараа целосно укинување на санкциите. Но ние немаме намера да го направиме тоа. Затоа не се договоривме“, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп одржа прес-конференција по вториот Самит со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, во виетнамскиот главен град Ханој, на кој не беше постигнат договор.
Трамп нагласи дека Самитот кој започна вчера, бил невистина плоден.
„Одлучивме дека нема да биде добра идеја да потпишеме нешто“, рече тој, и додаде дека со Ким воспоставиле многу силна врска, но не успеале да постигнат договор.
Американскиот претседател истакна дека за време на средбите не успеале да постигнат договор и за санкциите. „Тие бараа целосно укинување на санкциите. Но ние немаме намера да го направиме тоа. Затоа не се договоривме“, додаде Трамп.
Запрашан дали завршување на средбите било негова идеја, Трамп одговори: „Не сакам да кажам дека тоа целосно беше моја одлука. Сакаме да ја зачуваме нашата врска.“
Трамп рече дека Ким ветил дека нема да изврши нуклеарни и ракетни тестирања.
„Верувам во него и во неговото ветување, ќе продолжиме да се состануваме“, истакна Трамп.
Трамп истакна дека со Ким не се договориле за нов самит, но дека е можно да се состанат повторно.
Американскиот претседател се осврна и на тензиите меѓу Пакистан и Индија, со изјава дека може да се обезбеди мир.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, во врска со средбите на делегациите на двете земји, нагласи дека во последните 24 до 36 часа е постигнат прогрес, но не е постигнат резултат.
- Сандерс: Разговорите ќе продолжат -
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, истакна дека на средбата меѓу Трамп и Ким не е постигнат договор, но дека средбите меѓу двете земји ќе продолжат во иднина.
Сандерс нагласи дека Трамп и Ким разговарале за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
„Засега не е постигнат договор, но претставниците на овие земји се нетрпеливи да се состанат во иднина“, рече таа.
Средбата меѓу двете земји, Сандерс ја опиша како „многу добра и конструктивна“.
Се вели дека хотелот во кој била реализирана средбата, Трамп и Ким го напуштиле пред планираното, со што планираната заедничка церемонија за потпишување меѓу двајцата лидери не е одржана.