Dildar Baykan
20 Март 2020•Ажурирај: 21 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, соопшти дека најавениот лидерски Самит на Г-7 кој во април треба да се одржи во САД, поради заканата од Ковид-19 ќе се одржи преку видеоконференциски линк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џад Дир, портпаролот на Белата куќа, за американските медиуми изјави дека претседателот Трамп одлучил планираниот Самит на лидерите на Г-7, кој во периодот од 10 до 12 април требаше да се одржи во кампусот „Кемп Дејвид“ во сојузната држава Мериленд, ќе биде спроведен по пат на видеоконференција.
Дир додаде дека директорот на Националниот економски совет, Лери Кудлоу, ги известил претставниците на Г-7 дека измените се извршени поради загриженоста од ширењето на Ковид-19.
Претходно, поради вирусот Ковид-19, состаноците на министрите за надворешни работи и министрите за финансии на земјите членки на Г-7 беа одржани по пат на видеоконференција.
Трамп во понеделникот одржа видеоконференциски состанок во врска со вирусот Ковид-19 со лидерите на земјите членки на Г-7, каде што покрај САД членуваат Канада, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Јапонија.
По средбата беше издадено соопштение во кое се истакнува дека е потребна соработка на поголем број полиња, првенствено на полето на економијата, со цел да се намали влијанието на вирусот Ковид-19.