Michael Gabriel Hernandez
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Околу 2.500 Авганистанци, што им помагаа на САД и нивните партнери, привремено ќе бидат преместени заедно со своите семејства, во воен објект во американската сојузна држава Вирџинија, објави денес Стејт департментот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лицата ќе бидат сместени во базата „Форт Ли“, што се наоѓа на околу 55 километри јужно од главниот град на државата Ричмонд, додека нивните визни процедури се одвиваат.
„Ова се храбри Авганистанци заедно со нивните семејства, како што рековме, чија служба за Соединетите Американски Држави е потврдена од Амбасадата во Кабул и кои имаат завршено темелни СИВ-процеси за безбедносна проверка“, им рече на новинарите портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, мислејќи на кратенката за специјални имигрантски визи.
„Ним ќе им се обезбеди привремено домување и услуги, паралелно со завршувањето на последните чекори во специјалниот процес за имигранти“, додаде тој.
Првите летови што ќе ги евакуираат лицата од Авганистан се очекува да заминат во последната недела од јули.
Претседателот Џо Бајден се соочи со зголемен двопартиски притисок да ги започне преместувањата пред неговото најавено повлекување на американските сили од Авганистан.
Тој процес се очекува да заврши до крајот на август, како што продолжува растот на загриженоста за одржливоста на централната влада во Кабул, додека талибанците продолжуваат со напади против владините сили низ целата држава.
Пентагон минатата недела објави дека излезот на американската Војска е над 95 отсто завршен.
Се проценува дека вкупниот број Авганистанци што се квалификуваат за програмата, варира, а според некои проценки, достигнува дури 50.000.