свет

Ердоган: „Турција е подготвена да разговара за авганистанскиот мировен процес со талибанците“

„Мислам дека добро ќе го искористиме овој процес. Постојат и други алтернативи и во моментов работиме на нив.“

Enes Kaplan, Mehmet Tosun  | 20.07.2021 - Обновена : 20.07.2021
Ердоган: „Турција е подготвена да разговара за авганистанскиот мировен процес со талибанците“ Фото: Erçin Ertürk/AA

НИКОЗИЈА (АА) - Турција го разгледува прашањето за управувањето со главниот аеродром во Кабул, Авганистан, а Анкара е подготвена да разговара за авганистанскиот мировен процес со талибанците, рече денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган престојува во посета на Турската Република Северен Кипар по повод 47-годишнината од Мировната мисија на Кипар.

По молитвата за Курбан бајрам во Северен Кипар, Ердоган рече дека доколку бидат исполнети условите, Турција е подготвена да го преземе управувањето со аеродромот во авганистанскиот главен град Кабул.

Тој најави разговори со талибанците во врска со процесите во Авганистан.

Осврнувајќи се на клучните авганистански мировни преговори во Доха, главниот град на Катар, Ердоган рече: „Мислам дека добро ќе го искористиме овој процес. Постојат и други алтернативи и во моментов работиме на нив.“

„Сега е ново време“, рече Ердоган, наведувајќи дека „тука се гледаат три главни власти - НАТО, САД и Турција“.

Напоменувајќи дека САД ја објавија одлуката за повлекување од регионот, Ердоган рече дека Вашингтон сака со аеродромот во Кабул да управува Турција, како што го прави тоа веќе неколку години.

„Во моментов, на ова гледаме позитивно“, рече Ердоган, наведувајќи дека Турција има одредени услови.

Турскиот претседател изјави дека на Турција ќе ѝ биде потребна финансиска и административна поддршка за време на тој процес.

Инаку, интензивните борби помеѓу авганистанските сили и талибанците продолжуваат додека странските трупи се повлекуваат од земјата.

Претседателот на САД, Џо Бајден, претходно соопшти дека американската воена мисија во Авганистан ќе заврши на 31 август.

Разговорите помеѓу САД и Турција за безбедноста на аеродромот по повлекувањето на САД се во тек.

Бајден и турскиот претседател Ердоган разговараа за ова прашање на маргините на неодамнешниот самит на лидерите на НАТО во Брисел.

Турција веќе шест години ги води воените и логистичките операции на аеродромот во Кабул во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ предводена од НАТО.

Турција, чии сили во Авганистан отсекогаш биле неборбени, се понуди под одредени услови да го чува аеродромот во екот на неизвесноста за тоа како ќе се обезбеди работата на главните транспортни рути и на аеродромот, кој е главниот влез во Кабул.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.