Beyza Binnur Dönmez
01 Јуни 2020•Ажурирај: 02 Јуни 2020
АНКАРА
Околу 4.000 лица се уапсени за време на протестите во САД кои започнаа поради смртта на Џорџ Флојд, невооружен Афроамериканец кој при приведување беше задушен од полицаец белец во Минеаполис, во сојузната американска држава Минесота, јавува Агенција Анадолија (АА).
Флојд (46) почина откако полицаецот Дерек Шоувин го држел кoленото на неговиот врат речиси девет минути. Последните зборови на Флојд биле „Не можам да дишам“, што стана слоган на протестите кои се проширија низ целата земја.
Денес е соопштено дека протестиte започнаа во вторникот минатата недела, еден ден по смртта на Флојд, откако илјадници лица излегоа на улиците на Минеаполис барајќи да се стави крај на полициската бруталност и укажувајќи на важноста на животите на Афроамериканците.
И покрај полицискиот час воведен во поголемите градови во Соединетите Американски Држави (САД), демонстрантите шести ден излегуваат на улиците во знак на протест поради убиството на Џорџ Флојд, и бараат апсење и на тројцата други полицајци кои се вмешани во убиството.
Смртта на Афроамериканецот предизвика и мирни и насилни демонстрации низ Соединетите американски држави.
Полицискиот оддел на Њујорк синоќа уапси повеќе од 200 демонстранти, претежно во Менхетен и Бруклин, додека седум полициски службеници се повредени, објави Си-ен-ен.
Стотици демонстранти се исто така уапсени во калифорниските области на Лос Анџелес и Сан Диего.
Повеќе од 60 полициски службеници на американската тајна служба (Униформирана дивизија) и специјални агенти беа повредени во петокот вечерта и во недела изутрина на протестите во Вашингтон.
Смртта на Флојд се споредува со смртта на Ерик Гарнер, кој почина за време на неговото приведување во 2014 година во Њујорк, исто така постојано велејќи им на полицајците „Не можам да дишам“.
Фразата стана слоган на демонстрантите кои демонстрираа против убиствата на невооружени Афроамериканци мажи и жени од страна на полицијата. Слоганот продолжува да се користи повторно скоро шест години подоцна.