Asiye Latife Yılmaz
14 Август 2025•Ажурирај: 14 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерството за финансии на САД од вчера привремено укина одредени финансиски санкции за Русија до 20 август за да се овозможат подготовките пред утрешната средба меѓу американскиот и рускиот лидер на Алјаска, јавува Анадолу.
Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД соопшти дека укинувањето се однесува на трансакции што се „вообичаено инцидентни и неопходни за присуство или поддршка на состаноци во државата Алјаска меѓу Владата на Соединетите Американски Држави и Владата на Руската Федерација“.
Се истакнува дека овој потег не дозволува деблокирање или ослободување на каков било имот замрзнат или под рестрикции во рамките на санкциите за Русија.
Тет-а-тет средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин ќе биде прва меѓу актуелните претседатели на САД и Русија од 2021 година, кога Путин се сретна со тогашниот американски претседател Џо Бајден во Женева, Швајцарија.
Тоа ќе биде и првпат руски лидер да стапне на територијата на Алјаска откако Руската Империја во 1867 година им ја продаде територијата на САД.