Servet Günerigök
13 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Претставничкиот дом на САД доцна синоќа изгласа резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25. амандман за отстранување од функцијата на претседателот Доналд Трамп поради насилните немири во Капитол минатата недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлог-законот, кој беше изнесен од претставникот од демократите, Џејми Раскин од Мериленд, помина со 223 „за“ и 205 „против“, неколку часа пред Пенс да ѝ соопшти на спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, дека нема да го стори тоа, додавајќи: „Не верувам дека оваа насока на дејствување е во најдобар интерес на нашата нација или дека е во согласност со нашиот Устав.“
Само еден републикански пратеник, Адам Кинцингер од Илиноис, застана на страната на демократите во одобрувањето на резолуцијата.
Пенс ги повика Пелоси и „секој член на Конгресот да избегнуваат дејствување што дополнително ќе ги поделат и разгорат страстите во моментот“.
Во неделата, Пелоси вети дека демократите ќе дејствуваат итно, велејќи дека Трамп претставува непосредна закана за Уставот и американската демократија.
„Како што одминуваат деновите, хоророт од нападот врз нашата демократија извршен од овој претседател е засилен, а исто така е и непосредната потреба за акција“, рече таа во писмото до Пенс.
Демократите во Претставничкиот дом претходно истакнаа дека доколку Пенс не дејствува, тие денеска ќе продолжат со гласање за импичмент на претседателот во заминување.
Трамп се товари за поттикнување насилство откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на Капитол, во која се наоѓаат и Претставничкиот дом и Сенатот, и за попречување на работата на Конгресот во потврдувањето на победата на Бајден на изборите.
Во немирите животот го загубија пет лица и тоа предизвика гнев и кај демократите и кај републиканците.