Safvan Allahverdi,Burak Karacaoğlu,Ömer Koparan
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ВАШИНГТОН
Од американскиот Стејт департмент е потврдено дека во операција во Сирија е убиен портпаролот на терористичката организација ДЕАШ, Хасан ал Мухаџир, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван официјален претставник на Министерството за надворешни работи на САД соопшти дека Ал Мухаџир е убиен во операција која американските специјалци ја извршиле во неделата, во близина на сирискиот град Џарабулус.
Изворот не ги откри деталите за операцијата, а се очекува и официјално соопштување од американското Министерство за одбрана.
Ал Мухаџир бил портпарол и најблизок соработник на лидерот на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бакр ал Багдади, кој е убиен во операцијата што американските специјалци ја извршија ноќта од саботата кон неделата во село покрај Идлиб.
Терористичката организација ДЕАШ така претрпе огромна загуба бидејќи токму Ал Мухаџир се сметал за потенцијален наследник на Ал Багдади на чело на таа озлогласена организација.
Репортерот на АА од Џарабулус јавува дека американските сили во 19:30 часот во неделата извршија напад на две цистерни во движење. Припадниците на Сириската национална војска (SNA) во погодените цистерни пронајдоа тела на три убиени лица.
Се претпоставува дека еден од настраданите бил Ал Мухаџир, чие тело изгорело во посебен оддел во внатрешноста на цистерната во која патувал скриен.
Канадскиот новинар кој истражуваше и пишуваше за терористичката организација ДЕАШ и нејзините странски борци, Грем Вуд, пред две години во колумна за списанието „Атлантик“ („The Atlantic“) напиша дека Ал Мухаџир е кодно име на еден од лидерите на ДЕАШ, а дека станува збор за Џон Георгелас.
Вуд тврди дека Георгелас пораснал во христијанско семејство, дека е поврзан со Грчката православна црква, дека е лош студент и зависник од дрога. Георгелас, наводно, преминал во ислам непосредно по терористичките напади на 11 септември 2001 година и го зел името Јахја. Студирал арапски јазик во Дамаск и зел сопруга од Велика Британија. По враќањето во САД, тој беше осуден на три години затвор поради киберкриминал, а во 2011 година се преселил во Египет.
На терористите на ДЕАШ им се приклучил во 2015 година и водел терористичка пропаганда на англиски јазик. Тој бил главен протагонист на ѕверските методи и изопачен менталитет на ДЕАШ. За портпарол на ДЕАШ е поставен во 2016 година.