Kasım İleri
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Во документите за оправдување на буџетот на Пентагон за фискалната 2023 година, утврдено е дека терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го користи називот СДГ во Сирија, планира да регрутира 3.500 луѓе во редовите на организацијата, за што е одвоен фонд од 183 милиони долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американското Министерство за одбрана (Пентагон) ги објави документите за оправдување на буџетот за одбрана од 813 милијарди долари.
Во документите има и детали од програмата за обука и опрема од која корист имала и терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го користи името СДГ во Сирија.
Во документот насловен „Фискална година 2023, Фонд за обука и опремување во борбата против ДЕАШ“ се наведува дека се планирани да се обебедат 358 милиони долари за оружје, муниција и опрема за ирачките безбедносни сили, додека 183 милиони долари се доделени за групите поддржани од страна на САД во Сирија.
Во делот за Сирија се посочува дека од Фондот за обука и опрема на САД во 2023 година ќе имаат корист ЈПГ/ПКК, која го користи името СДГ на северот и истокот на Сирија, и опозициската група Мугавир ет-Тавра на југот на земјата.
Во документот, исто така, се наведува дека Пентагон планира да регрутира вкупно 3.500 луѓе, вклучително и затворски чувари, во редовите на терористичката организација ЈПГ/ПКК во 2023 година, со што бројот на луѓе кои примаат плата од буџетот на Пентагон во Сирија ќе се зголеми од 16.000 на 19.500.
Во документот се наведува дека ќе бидат поддржани активностите на три групи, кои се наоѓаат под СДГ, а тоа се таканаречените антитерористички единици (ХАТ), Силите за внатрешна безбедност и Силите за безбедност на покраината. Исто така, се нагласува дека ќе се зголеми бројот на таканаречените Покраински безбедносни сили.
Меѓу другото, во документот се додава дека од вкупно 183 милиони долари поддршка што ќе им се даде на терористичките организации ЈПГ/ПКК и Мугавир ет-Тавра, 32,1 милион долари се за обука и опрема, 57,4 милиони долари за логистичка поддршка, 71,4 милиони долари за плати, 15,3 милиони долари за инфраструктурни расходи, 7,5 милиони долари ќе се користат за одржување на опремата.
Додека беше наведено дека на двете организации во Сирија ќе им бидат доделени 4.000 пушки АК-47 (калашников), 100 пушки и 432 митралези од типот ПKM, не е соопштено колку од нив ќе одат на терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го користи името СДГ.
Во документот се истакнува дека на организациите ќе им биде дадена разновидна муниција, вклучително и рачни бомби во вредност од 3 милиони 439 илјади долари.