Kaan Bozdoğan
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Директоратот за комуникации при турското Претседателство се наведува дека освен за вчерашната размена меѓу Русија и Соединетите Американски Држави (САД), остварена во Турција, се разговарало и за војната во Украина.
Путин му се заблагодари на Ердоган за размената на рускиот пилот Константин Јарошенко и поранешниот американски маринец Тревор Рид, што беше извршена во Турција под координација и надзор на турската разузнавачка служба МИТ.
Ердоган рече дека посредувањето во оваа размена не е само показател за важноста што Турција ја придава на мирот, дијалогот и соработката, туку е значајна и од аспект на посредничката мисија.
Турскиот претседател се осврна и на улогата што ја имаше МИТ во процесот на размена и истакна дека е потребно продолжување на координацијата и блискиот дијалог меѓу разузнавачките служби.
Додаде дека тоа ќе придонесе за воспоставување стабилна средина и спречување на хуманитарните трагедии во регионот.
Ердоган ја повтори својата подготвеност за посредување на патот кон мирот и за преземањето иницијатива за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Тој изрази и желба за интензивирање на позитивниот замав постигнат на преговорите во Истанбул помеѓу Русија и Украина за што поскоро воспоставување траен мир.
Ердоган нагласи дека Турција ќе продолжи одлучно и искрено да вложува напори за надминување на кризата меѓу двете соседни земји и воспоставување мир.