Michael Hernandez
24 Јули 2019•Ажурирај: 25 Јули 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Соединетите Американски Држави (САД) остро ги осудија воздушните и артилериските напади кои во изминатите неколку дена врз населените места во Идлиб ги извршија руските авиони и силите лојални на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалната Цивилна заштита (Бели шлемови) соопшти дека најмалку 39 цивили се убиени во воздушниот напад кој руските авиони го извршија на пазар во градот Марат ал Нуман.
Воздушните сили на режимот на Асад истовремено извршија напад на пазар во Серакиб и убија најмалку седуммина цивили. Руските и бомбардерите на Асад гаѓаа и населени места во Бидама, Талменес и Ал Кабина. Во тие напади животот го загубија четворица цивили.
„Континуираните напади се показател дека режимот на Асад и неговите сојузници и понатаму веруваат и се залагаат за воено решавање на кризата во таа земја. Тие напади се очајнички потези“, изјави Морган Ортагур, портпаролката на американскиот Стејт департмент.
Ортагур ги повика руските власти и режимот на Асад да стават крај на нападите, да го почитуваат договореното примирје во североисточниот дел на Сирија и да дозволат хуманитарна активност во тој регион.
Во Идлиб, која е тврдина на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени лица, кои се цел на постојаните напади од страна на режимот. Во нападите во изминатите три дена беа убиени најмалку 25 цивили.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи, на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во тој регион.