Поранешниот заменик директор на Халк Банк, Мехмет Хакан Атила, допатува во Истанбул
Атила, кој беше затворен во затворот ФКИ „Скулкил“, во сојузната американска држава Пенсилванија, откако беше пуштен на слобода во петокот, на 19 јули, денес од Њујорк допатува на Истанбулскиот аеродромKenan Irtak
24 Јули 2019•Ажурирај: 25 Јули 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешниот заменик генерален директор на „Халк банк“, Мехмет Хакан Атила, кој пред неколку дена беше пуштен на слобода од затворот во САД, допатува во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Атила, кој беше затворен во затворот ФКИ „Скулкил“, во сојузната американска држава Пенсилванија, откако беше пуштен на слобода во петокот, на 19 јули, денес од Њујорк допатува на Истанбулскиот аеродром.
Атила е уапсен на аеродромот во Њујорк на 27 март 2017 година.
Уапсен е под обвиненија за кршење на американските санкции кон Иран, за што американскиот суд го прогласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 32 месеца.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, претходно изјави дека тоа е класичен политички процес што го започнал поранешниот американски обвинител Прит Барара, кој е поврзан со терористичката организација ФЕТО.
Во склоп на судскиот процес против Атила, како сведок е сослушан бегалецот на ФЕТО, Хусејин Коркмаз. Одбраната на Атила наведе дека се работи за лице кое по нелегални патишта ја напуштило Турција, и истакна дека доказите што ги предал на судот се лажни. Судијата Берман ги одби сите наводи, и за сведочењето на Коркмаз изјави дека е во согласност со правилата.
Американскиот суд го прогласи Атила за виновен за „кршење на американските санкции кон Иран“, „учество во кривичното дело измама на САД“, „измама на американските банки“, а е ослободен од кривичното дело „перење пари“.