Esra Kaymak
12 Април 2016•Ажурирај: 12 Април 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави изразија длабока загриженост поради ескалацијата на насилството во Сирија, изјави синоќа гласноговорникот на Стејт Департментот, Марк Тонер, пренесува Anadolu Agency (АА).
Како што кажа Тонер, Вашингтон е „многу, многу загрижен поради порастот на насилството”, вклучувајќи ги и акциите кои не одат во прилог на договорот за прекин на непријателствата.
Додаде дека примирјето најчесто го кршат силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Во неделата американскиот државен секретар Џон Кери, исто така, ја пренел својата загриженост на рускиот колега Сергеј Лавров, Тонер додаде и дека се прават додатни напори со цел задржување на примирјето.
„Тоа вклучува дефинирање на локациите на борбените групи со цел да се осигураме дека нашите напори се насочени кон ДАЕШ и Нусра, кои не се потписници на договорот за прекин на непријателствата”, додаде гласноговорникот на Стејт Департментот.
Тонер таквиот став го изнесе откако сириската војска наводно го нападнала Алепо, најголемиот сириски град, што би можело негативно да влијае на успехот на мировните преговори, закажани за 13-ти април во Женева.
„Сакаме да бидеме сигурни дека тие разговори ќе се одвиваат успешно и дека ќе бидат добри. И затоа сме загрижени”, рече Тонер.
Примирјето во Сирија е договорено во февруари помеѓу САД, Русија и останатите учесници на меѓународната група за поддршка на Сирија. Коалицијата која ја предводи САД ја поддржува сириската опозиција, додека Русија е на страната на режимот на претседателот Башар ал-Асад.
Во текот на мировните преговори во Женева, со посредство на ОН, сириската влада и опозиција заедно би требале да го пронајадат патот за политичка транзиција во таа земја.