Fatma Zehra Solmaz
03 Февруари 2025•Ажурирај: 04 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - До недела попладне идентификувани се 55 тела од минатонеделниот судир на хеликоптер и патнички авион во близина на аеродромот „Реган“ во Вашингтон, Соединетите Американски Држави (САД).
Шефот на Пожарникарската служба на Вашингтон, Џон Донели, потврди дека се идентификувани 55 тела, но истакна дека потрагата во реката Потомак и понатаму е предизвик. Во авионот на „Американ ерлајнс“ имаше 60 патници и четворица членови на екипажот, а во армискиот хеликоптер со кој се судрил имаше тројца војници, односно вкупно 67. Во несреќата нема преживеани.
„Видливоста во студената вода е речиси нула“, рече тој, додавајќи дека остатоците претставуваат опасност со „острите рабови и извитканиот метал“.
Се прават обемни напори, во кои е вклучен речиси секој нуркачки тим во областа, вклучително и Американската крајбрежна стража, тимот за нуркање на теренската канцеларија на ФБИ во Вашингтон, Противпожарната служба на Вашингтон и Меѓународната асоцијација на пожарникари, објави Си-ен-ен.
Авионот се распарчил на неколку парчиња, соопшти секретарот за транспорт Шон Дафи. Трупот на авионот е пронајден во три дела свртен наопаку во реката длабока околу 2,43 метри на некои подрачја.
Дејвид Хогланд, шефот на пожарникарите Локал 36 од Вашингтон, за Си-ен-ен изјави дека спасувачите се исцрпени, но нагласи:
„Колку и да трае ова, тие ќе бидат таму.“
Остатоците во реката Потомак особено им отежнаа на нуркачките тимови да стигнат до деловите од трупот на авионот, барајќи негово извлекување со цел да можат да се извадат преостанатите тела, рече Донели.
Тимовите ја чекаат тешката механизација што се очекува да пристигне во следните 24 до 36 часа, рече Хогланд во саботата.
Тој додаде дека денес екипите се подготвуваат за „прилично комплицирана операција“ за да ги подигнат деловите на авионот од водата.
Голем кран, кој се користеше за минатогодишното уривање на мостот „Френсис Скот Ки“, ќе биде донесен за да помогне во подигнувањето на деловите од авионот и извлекувањето на жртвите што се заробени внатре.
Инженерскиот корпус на армијата соопшти дека денес ќе започне отстранувањето на остатоците, а потоа активностите ќе се префрлат на извлекување на хеликоптерот „Блек хок“.
Во моментов приоритет на тимовите се безбедноста и заштитата на доказите за истрагата. Локалните извори известуваат дека се очекува до 12 февруари да заврши отстранувањето на сите остатоци.