свет

Помпео: „Договорот со талибанците ќе се потпише на 29 февруари“

„По децении на судири, постигнавме заемна согласност со талибанците за значително намалување на насилствата низ целиот Авганистан. Ова е важен чекор на долгиот пат кон мирот, и ги повикувам сите Авганистанци да ја искористат оваа можност“

Beyza Binnur Dönmez  | 21.02.2020 - Обновена : 24.02.2020
Помпео: „Договорот со талибанците ќе се потпише на 29 февруари“

АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) постигнале договор со талибанците за „намалување на насилствата низ Авганистан“, што треба да се потпише на 29 февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„По децении на судири, постигнавме заемна согласност со талибанците за значително намалување на насилствата низ целиот Авганистан. Ова е важен чекор на долгиот пат кон мирот, и ги повикувам сите Авганистанци да ја искористат оваа можност“, порача Помпео преку Твитер.

Помпео го соопшти ова во текот на летот кон Оман.

„САД и талибанците водеа обемни преговори за олеснување на постигнувањето политички договор за ставање крај на војната во Авганистан, за редуцирање на присуството на САД и сојузничките сили, и да се обезбеди дека ниту една терористичка група никогаш повеќе нема да го користи авганистанското тло за да им се заканува на САД или на нашите сојузници“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Првичниот договор им дава рок од седум дена на талибанците да се воздржат од секаков вид насилство, почнувајќи од вечерва. Доколку се исполни тоа, САД и талибанците ќе продолжат со потпишување поширок, постојан договор.

Двете страни постигнаа согласност за намалување на насилствата низ цел Авганистан по неколкунеделните преговори во Доха, се истакнува во соопштението.

„По успешното спроведување на оваа спогодба, потпишувањето на договорот помеѓу САД и талибанците се очекува да мине во следната фаза. Ние се подготвуваме потпишувањето да се случи на 29 февруари.“

„Внатреавганистанските преговори ќе започнат наскоро по тоа, и ќе се засноваат на овој фундаментален чекор - сеопфатен и траен прекин на огнот и идната политичка мапа на патот за Авганистан. Единствениот начин да се постигне одржлив мир во Авганистан е Авганистанците да се обединат и да се договорат за иднината“, се додава.

Минатата недела, авганистанскиот претседател Ашраф Гани го поздрави забележителниот напредок во разговорите меѓу САД и талибанците.

САД имаат над 12.000 војници во Авганистан кои спроведуваат операции како поддршка на авганистанските сили, како и поширока антитерористичка мисија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.